Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска најавија дека поради циклонска активност за време на ноќта и утрешниот ден, во крајните јужни и југоисточни делови на земјата се очекуваат обилни врнежи.
Според прогнозата, водостојот на реките и суводолниците во овие региони може значително да се зголеми. Особено се предупредуваат сливот на река Струмица и Струмичкиот регион, река Анска, како и помалите реки и суводолници во Гевгелиско-Валандовскиот регион (река Калковска) и Дојранскиот регион. Можни се и високи водостоји во крајниот долен дел од сливот на река Вардар, водотеците од планинскиот масив Кожув (реки Бошава, Дошница, Коњска, Кованска, Серменинска, Петрова и други), во Битолскиот дел од сливот на Црна река (река Елешка), како и во Охридско-Преспанскиот регион.
Доколку се остварат прогнозите за количините на врнежи, на одредени локации може да дојде до локални излевања на реките и суводолниците.
УХМР апелира до граѓаните да бидат внимателни при движење покрај овие водотеци, а заради потенцијалната опасност е издадено „жолто“ ниво за предупредување од поплави во овие региони.

















