Рускиот претседател Владимир Путин денеска испрати жестока и недвосмислена порака дека Русија е подготвена со сила да ја преземе целата област Донбас доколку украинската армија не се повлече од таму. Во интервју за индиската телевизија „Индија тудеј“, тој изјави дека Русија нема намера да ѝ подари ниту дел од територијата што ја смета за своја.
Путин нагласи дека „или територијата ќе биде заземена со воена сила, или Украина ќе се повлече“, притоа укажувајќи дека Москва останува цврста во своите намери.
Од украинска страна, претходно беше соопштено дека државата нема да ѝ препушти ниту педаљ територија на Русија. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Москва не смее да биде „наградувана“ за војната што ја започна.
Во моментов, Русија контролира над 19 проценти од украинската територија. Во тек се разговори меѓу Москва и претставници на администрацијата на Доналд Трамп за можни модели за завршување на конфликтот. Путин посочи дека Русија веќе прифатила дел од американските предлози и дека преговорите продолжуваат.
Да потсетиме, во 2022 година Кремљ објави дека Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје се сметаат за руски територии.

















