Градоначалникот на Скопје преку социјалните мрежи најави дека Камениот мост ќе добие ново декоративно и архитектонско осветлување, во рамки на соработката со турската Општина Есенлер.
„Камениот е срцето на Скопје, сведок на времињата, симбол на поврзувањето и културно-историско наследство,“ истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека проектот има за цел да го истакне и заштити едно од најпрепознатливите обележја на главниот град.
На средбата со градоначалникот на Есенлер, Мехмед Тевфик Ѓоксу, уште еднаш било потврдено пријателството и партнерството меѓу двете општини. Протоколот за соработка, потпишан неодамна, предвидува имплементација на проектот за современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со архитектонските карактеристики и историската вредност на мостот.
„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе биде претставен во достоинствено светло пред граѓаните и посетителите,“ нагласи Ѓорѓиевски, изразувајќи благодарност до Општина Есенлер и сите институции и стручни лица вклучени во подготовката.
Оваа соработка е уште еден доказ дека преку пријателство и размена на искуства можат да се реализираат проекти со трајна вредност за градот.
Симболот на Скопје, кој со векови ја раскажува историјата на градот, наскоро ќе добие нова светлосна приказна – како потсетник дека традицијата и модерното може да се спојат во едно.








