Министерството за внатрешни работи воведува нова процедура при регистрација на возилата, со цел да се намалат можните грешки при доставување известувања и санкции од системот „Безбеден град“.
Сопствениците на возила, при регистрација во станиците за технички преглед или во управните служби, ќе треба да остават мобилен телефонски број и електронска адреса. Потоа, на двата контакти ќе добијат порака со код за верификација.
Со внесување на кодот ќе се потврдува дека телефонскиот број и меил адресата навистина му припаѓаат на сопственикот на возилото. Според МВР, оваа измена треба да обезбеди поголема точност при испраќање на известувањата.
Санкциите од „Безбеден град“ и понатаму ќе се доставуваат преку СМС порака и електронска пошта, но со новата проверка ќе се избегнат ситуации во кои казните би биле испратени на погрешен број или меил.
Новитетот е дел од напорите за поуредна комуникација меѓу институциите и граѓаните, особено во делот на сообраќајните прекршоци и автоматизираното известување.










