Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска во Кочани нагласи дека дигиталната трансформација треба да стигне рамномерно до секоја општина и граѓанин преку конкретни и практични проекти кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
На промотивниот настан за иницијативата WiFi4WB – WiFi за Западен Балкан, кој се одржа во Театар „Бели Мугри“, министерот истакна дека целта е да се обезбеди подобра дигитална поврзаност токму таму каде што граѓаните секојдневно се движат, учат, работат и се дружат – во јавни простори како плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции.
„Кога бев тука претходно, зборувавме за потребата Кочани да добие бесплатни интернет-зони и јасно кажавме дека овој регион ќе биде меѓу нашите приоритети. Денес, со поддршка од нашите пријатели, тоа го претвораме во дела. Она што го ветивме како и многу пати досега го испорачуваме. Со иницијативата WiFi4WB обезбедуваме бесплатен јавен Wi-Fi во 64 општини низ државата. Ова значи бесплатен интернет пристап во јавни простори, плоштади, паркови, библиотеки, училишта и културни институции, токму таму каде што граѓаните најмногу имаат потреба од поврзаност“, рече Андоновски.
Министерот нагласи дека ова не е само удобност, туку и алатка за еднакви можности: полесен пристап до дигитални услуги и информации, поддршка на учењето и образованието, помош на локалните бизниси, подобро искуство за посетителите, како и намалување на дигиталниот јаз и зголемена социјална вклученост.

















