Поради одбележувањето на верскиот празник Задушница, надлежните најавија воведување на посебен режим на сообраќај во главниот град, со цел да се избегнат гужви и да се овозможи непречено движење.
Мерките ќе започнат да се применуваат од раните утрински часови, при што ќе има изменет режим на движење кон градските гробишта „Бутел“. Сообраќајот ќе се одвива по кружен тек, односно возилата ќе се движат по однапред утврдена рута со јасно означени насоки за влез и излез.
За влез кон гробиштата ќе се користат неколку улици со пренасочување на движењето, додека за излез ќе биде воспоставена посебна траса со цел да се избегне метеж и застој.
Освен во Бутел, вакви мерки ќе бидат воведени и на гробиштата во Камник, Драчево и Ѓорче Петров. Надлежните информираат дека, доколку има потреба, истиот режим може да продолжи и во текот на викендот.
Од институциите апелираат до сите граѓани да ги почитуваат упатствата и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел сообраќајот да се одвива безбедно и без застои.
Целта на овие мерки е да се обезбеди поголема сигурност за сите учесници во сообраќајот во ден кога се очекува зголемена фреквенција на возила.









