ПРВ.мк
Македонија

АЛАРМ од здравствените власти: НОСЕТЕ РАКАВИЦИ при фрлање ѓубре!

АЛАРМ од здравствените власти: НОСЕТЕ РАКАВИЦИ при фрлање ѓубре!

Министерството за здравство ги објави новите препораки и мерки на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во врска со алармантната состојба со отпадот во Скопје, предупредувајќи дека градот се соочува со потенцијален здравствен ризик поради расфрланиот и неотстранет комунален отпад.

Во официјалното соопштение се повикува граѓаните на зголемена лична хигиена и внимателно постапување со отпадот, бидејќи во текот на последните недели расте ризикот од заразни заболувања, посебно лептоспироза, дијареи и зоонози.

Препораки до граѓаните

Граѓаните се повикуваат да:

  • Користат ракавици и маски при фрлање отпад и веднаш потоа да ги мијат рацете или да користат дезинфициенс;
  • Совесно го одлагаат ѓубрето – само во означени контејнери, додека кабастиот отпад да го оставаат на предвидени локации;
  • Внимателно ракуваат со отпадот, затворајќи ги капаците на кантите и избегнувајќи директен физички контакт со ѓубре или исцедок;
  • Да избегнуваат стагнирана вода во близина на отпадот и да не дозволуваат домашни миленици да доаѓаат во допир со ѓубрето;
  • Да не фрлаат отпад надвор од контејнерите и да не создаваат нови нелегални депонии.

Посебен акцент се става на заштитата на работниците кои секојдневно доаѓаат во контакт со отпадот, со задолжително користење на опрема за лична заштита и вакцинација.

Итни и акутни мерки

Институтот за јавно здравје бара итно чистење и дезинфекција на сите критични локации во градот, вклучувајќи болници, училишта, паркови и игралишта. Предложени се следниве чекори:

  • Вонредно отстранување на расфрланиот отпад во и околу контејнерите;
  • Интензивна дератизација, дезинфекција и дезинсекција на сите критични подрачја;
  • Редовно празнење на контејнерите – најмалку еднаш дневно во густо населени делови;
  • Дислокација на контејнерите подалеку од детски игралишта, училишта и здравствени институции;
  • Физички бариери или мрежи за спречување пристап на глодари и улични животни;
  • Засилен епидемиолошки надзор и пријавување на случаи со можни зарази;
  • Јавни предупредувања и кампањи за информирање на населението.

Долгорочни решенија

Како трајна стратегија, Министерството бара интегриран систем за управување со отпадот, кој ќе овозможи:

  • Редовно собирање и транспортирање на ѓубрето;
  • Имплементација на рециклирање и повторна употреба на отпадот;
  • Едукација на граѓаните за правилно селектирање – органски и неоргански отпад;
  • Вклучување на локалните заедници преку стимули за совесно одлагање и одржување на чистотата;
  • Построга контрола и казни за несовесно одлагање на отпад.

Состојбата со отпадот во главниот град се оценува како „сериозен здравствен ризик“, а властите апелираат на брза и заедничка акција од институциите и граѓаните за да се спречи можно ширење на зарази.

Не дознавај последен - читај ПРВ.мк

Escape