ПРВ.мк
Македонија

Ахмети со остра порака од Чаир: Да сакавме да ја поделиме Македонија, ќе го направевме тоа во 2001 со 15.000 војници

Ахмети со остра порака од Чаир: Да сакавме да ја поделиме Македонија, ќе го направевме тоа во 2001 со 15.000 војници

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, синоќа одржа говор во скопската општина Чаир, каде директно одговори на, како што рече, политичките манипулации за наводната желба на Албанците да ја поделат Македонија. Тој нагласи дека доколку Албанците навистина сакале да ја поделат државата, тоа ќе го стореле уште во 2001 година, кога, според него, располагале со 15.000 вооружени борци. „Ние сакаме унитарна и рамноправна држава за сите, а не тиранин за едни“, изјави Ахмети, пренесуваат медиуми на албански јазик.

На партискиот собир, Ахмети заедно со кандидатите за градоначалници Бујар Османи и Скендер Реџепи – Зејд го потпишале таканаречениот „Закон за Чаир“, за кој рече дека симболично го запечатува најголемото албанско национално единство од 2001 година досега. Тој порача дека сите се обединети за да го вратат достоинството, честа и заштитата на досегашните права, нагласувајќи дека борбата која тогаш била за еднаквост, денес е борба за нејзина заштита. Според него, движењето на отпор и надеж станува сè посилно и поинклузивно.

Ахмети го искористи собирот и за да повика на широка мобилизација на граѓаните, во пресрет на претстојниот октомвриски референдум. Без да открие детали за неговата содржина, тој порача дека е време да се стави крај на дискриминацијата, понижувањето и лошото управување. Неговата порака од Чаир беше јасна – дека Албанците во Македонија не се закана за државата, туку дел од нејзиниот граѓански и демократски капацитет.

Escape