ПРВ.мк
Македонија

Откриена масовна трговија со нелегален тутун - ова се деталите

Откриена масовна трговија со нелегален тутун - ова се деталите
Kristal

Државниот пазарен инспекторат спроведе засилени инспекциски контроли во вкупно 23 фирми кои се занимаваат со продажба на тутун и тутунски производи. Од направените проверки, во дури 16 правни субјекти биле пронајдени големи количини производи кои не поседувале документација од добавувач, ниту соодветни акцизни марки, што претставува прекршување на законските прописи и регулативи за трговија.

Контролите биле извршени на 17 и 18 ноември на подрачјето на Скопје, Гостивар, Тетово, Кичево и Струга. Во текот на надзорите, биле откриени над 3.000 пакувања нелегални тутунски производи, чија вредност според проценките надминува еден милион денари, односно околу 16.000 евра. Согласно пропишаните процедури, пронајдените производи се привремено одземени и предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.

Од инспекторатот информираат дека за утврдените неправилности биле изречени прекршочни платни налози. Истовремено, за случаите е доставено известување до Министерството за внатрешни работи и Царинската управа за понатамошно постапување, со цел санкционирање на нерегуларната трговија.

Од Државниот пазарен инспекторат нагласуваат дека инспекциските надзори ќе продолжат и во наредниот период. Целта е, како што наведуваат, спречување и намалување на нелегалната продажба на територијата на Северна Македонија и заштита на пазарната регулатива и здравјето на граѓаните.

Escape