Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше мерката „училишна кошничка“ што Владата ја донесе вчера. Од 15 август до 15 септември 2025 година, ќе важи намалување на цените на школскиот прибор за најмалку 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката важи за сите продавници што продаваат училишен прибор — книжарници, супермаркети, спортски продавници — и опфаќа широк спектар производи како тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други материјали.
Секој опфатен производ ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во продавниците ќе има плакати со информации за мерката, за да има целосна транспарентност.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи, што гарантира реално и проверливо намалување.
Министерот истакна дека образованието треба да биде достапно за сите, без разлика на приходот на семејството, а мерката има цел да овозможи секое дете да почне училиште со еднакви услови и да им олесни на родителите.
Минатогодишната „училишна кошничка“ била успешна, со заштеди од 750 до 2.000 денари по ученик, што имало значајно влијание врз семејните буџети.
Дурмиши нагласи дека Владата продолжува со мониторинг и анализа за понатамошни мерки, со цел образованието да започне со насмевка и без финансиски пречки.