Зоолошката градина во Скопје потврди дека животното кое беше заловено во населбата Козле е вистински волк, а не куче или мешана раса, како што првично се претпоставуваше.
Идентификацијата е направена по консултации со домашни и меѓународни експерти, по што е утврдено дека станува збор за диво животно од видот Canis lupus.
Според надлежните служби, волкот нема микрочип, тежи околу 25 килограми и е во лоша хранлива состојба, што укажува дека не е во нормални услови за својот развој.
Во процесот на проверка биле вклучени и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, кои дополнително ја потврдиле идентификацијата. За конечна потврда, биле контактирани и европски центри и институции специјализирани за диви животни.
Во Зоолошката градина биле донесени и сопственици на чехословачко волчјо куче од типот „Сириус“, кои потврдиле дека нивното животно нема никаква врска со заловениот примерок.
Властите апелираат да не се шират шпекулации и нагласуваат дека дивите животни не треба да се чуваат како домашни миленици, поради ризиците и за самите животни и за луѓето.
Животното во моментов е под надзор, а се вршат дополнителни анализи за неговата состојба и понатамошен третман.









