ПРВ.мк
Македонија

Драматична ноќ: Соборени стотици дронови, затворени четири аеродроми

Драматична ноќ: Соборени стотици дронови, затворени четири аеродроми

Руските власти утрово привремено ги затворија сите четири меѓународни аеродроми во Москва поради нов бран напади со беспилотни летала, насочени кон главниот град. По неколку часа прекин, воздушниот сообраќај беше целосно нормализиран, соопшти руската агенција за цивилно воздухопловство.

Прекинот ги опфати аеродромите Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски, кои накратко престанаа да примаат и испраќаат летови поради безбедносни причини.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, информираше дека руската противвоздушна одбрана пресретнала и соборила речиси 60 дронови кои летале кон руската престолнина. Според него, службите за итни случаи веднаш биле испратени на локациите каде што паднале остатоците од леталата за да се провери дали има штети.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле уништени вкупно 301 украински дрон на различни делови од територијата на Русија, како и во регионите под руска контрола. Нападот следува само неколку дена по претходниот голем напад врз московската нафтена рафинерија, кога, според руските власти, биле соборени околу 200 беспилотни летала.

Во исто време, украинските власти пријавија нови жртви од руските напади. Во регионот Одеса едно лице загина, а тројца беа повредени по напад со балистичка ракета „Искандер“. Во Запорожје животот го загуби една жена во напад со дрон, а бил погоден и турски товарен брод „Виктрес“, кој пловел под панамско знаме. Според украинската морнарица, во нападот биле повредени членови на деветчлениот меѓународен екипаж.

Поради влошената безбедносна состојба, властите во Севастопол на Крим ги откажаа сите јавни настани на отворено и го исклучија уличното осветлување. Дополнително, на полуостровот привремено е ограничена продажбата на гориво поради нарушеното снабдување, што, според локалните власти, е последица на нападите врз транспортните рути.