Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука да ја намали цената за пренос и дистрибуција на електрична енергија – дел кој директно влијае врз крајната сметка што ја плаќаат граѓаните. Овој сегмент, кој го регулира РКЕ, учествува со околу 37 проценти во вкупната цена на потрошената струја.
Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, појасни дека следниот чекор е во рацете на универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“. Тие треба да ги пресметаат новите цени по блок-тарифи, а конечните вредности ќе бидат објавени откако РКЕ ќе ја провери нивната усогласеност со тарифниот систем.
Во текот на следната недела „ЕВН Хоум“ е очекувано да ги достави пресметките до Регулаторната комисија. Таму ќе се разгледа дали новото тарифно решение е правилно имплементирано и согласно правилата за пресметка.
Според РКЕ, нивните одлуки ќе доведат до мало намалување на крајната цена на струјата – околу 1 процент. Ова намалување, сепак, нема значително да влијае врз веќе најавеното можно зголемување на електричната енергија до 5 проценти.
За дополнително поскапување говореше и премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека Владата ќе продолжи да ја субвенционира електричната енергија за да спречи силен финансиски удар врз домаќинствата и да се задржи ценовната стабилност во периодот што следи.

















