Големата евакуација на туристи и жители од Сивири на Халкидики продолжи и во вечерните часови, откако пожарот што ја зафати областа се прошири кон населените места.

Според најновите информации, 481 лице било спасено од плажата Сивири со помош на пловила на крајбрежната стража, противпожарната служба, рибарски и приватни бродови.
Од спасените, 285 лица биле префрлени во Сани, додека уште 196 се качиле на „Speedrunner Jet“, кој ги превезува кон пристаништето во Солун.

За ситуацијата сведочел и професорот Гордан Калајџиев, кој за Телма изјавил дека бродот на кој патувал од Скијатос кон Солун повеќе од еден час стоел во место, бидејќи во тек била евакуација на луѓе од Сивири. Според неговото сведоштво, тие со помали чамци биле носени до поголемите бродови.
Пожарот во меѓувреме е ставен под контрола и е во опаѓање, но при гаснењето двајца пожарникари биле повредени. Пријавена е и материјална штета на куќи и на објекти од локалната инфраструктура.

Хотелиерите од Халкидики и Солун, во координација со надлежните институции, понудиле слободни соби за лицата погодени од пожарот.
Спасувачките екипи и повеќе пловила и натаму остануваат во областа поради можноста од нова потреба за интервенција.








