Уставниот суд ќе ја оценува уставноста само на најновото линеарно зголемување на пензиите од 1.000 денари исплатено во септември годинава и најавеното зголемување од ист износ што треба да следува во март наредната година. Покачувањето на пензиите од 5.000 денари што пензионерите го добија во два наврати – 2.500 денари во септември минатата година и 2.500 денари во март годинава – нема да се разгледува, бидејќи според Уставниот суд, тоа зголемување било од привремен карактер и веќе не е во правна примена.
Ова произлегува од денешното официјално соопштение на Уставниот суд, со кое се потврдува дека е поведена постапка за оценување на член 2 од најновите измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/25 од 29 јули 2025 година. Воедно, Судот ја отфрлил иницијативата поднесена од Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска, бидејќи оспорените законски одредби биле важечки само привремено и веќе не постојат во правниот промет.
Според член 2, усогласувањето на пензиите врз основа на растот на просечната плата и индексот на трошоците за живот не важи за периодот од 1 септември 2025 до 31 март 2026 година. Наместо тоа, во овој период пензиите се усогласуваат со распределба на вкупниот износ пресметан по законски модел – резултатот се дели еднакво за сите пензионери, без разлика на стажот, износот на уплатени придонеси и висината на пензијата.
Со ова повторно се применува концептот на линеарно зголемување – модел кој предизвика дебата во јавноста, бидејќи се разликува од редовниот систем за усогласување базиран на економски индикатори.
Иако Судот не отвори постапка за зголемувањето од 5.000 денари, неговата одлука повторно го отвори политичкиот судир. На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, дел од расправата прерасна во жестока политичка дебата.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, остро ја критикуваше судијката Добрила Кацарска, нарекувајќи ја „продолжена рака на СДСМ“. Тој изјави дека со оспорувањето на последното покачување се загрозуваат правата на пензионерите, иако погрешно наведе дека Судот го испитува и зголемувањето од 5.000 денари, што веќе е отфрлено.
Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, реагираше дека Стојановски ја манипулира јавноста, истакнувајќи дека Кацарска не е подносителка на иницијативата, туку судија-известител, и дека постапката е прифатена од сите судии.
Уставниот суд информираше дека уставноста ќе се оценува по сопствена иницијатива, врз основа на тоа што линеарното зголемување ги заменува редовните законски механизми за усогласување – што според Судот може да има влијание врз уставната обврска за социјална сигурност.
Покрај ова прашање, пред Судот е и иницијатива која се однесува на пензионерите кои живеат надвор од државата. Според иницијаторите, тие се ставени во нерамноправна положба бидејќи не ги добиваат усогласувањата на пензиите, иако во Македонија ги стекнале своите права и уплаќале придонеси.
Комисијата за заштита од дискриминација веќе објави мислење дека станува збор за дискриминација на над 12.000 пензионери и Владата и Собранието имаат законски рок од 180 дена да ги коригираат спорните одредби. Ако тоа не се случи, постои можност за меѓународни правни последици, бидејќи Македонија има потпишано билатерални договори со повеќе држави, кои би можеле да одговорат со реципрочни мерки.
Иако постапката штотуку започнува, одлуката на Уставниот суд повторно го актуелизира прашањето за тоа дали линеарното зголемување е правично решение или нарушување на принципот „пензијата ја следи вложениот труд“. Судската одлука ќе го утврди тоа во следниот период.
















