Жителка на Велес јавно изрази благодарност до двајца полициски службеници од СВР Велес кои, според нејзините зборови, навремено реагирале и ѝ помогнале при гаснење пожар што избувнал во нејзиниот автомобил.
Во објава на социјалните мрежи, Марија Новакова истакна дека благодарение на нивната брза интервенција, присебност и професионален пристап била спречена поголема материјална штета.
„Сакам јавно да им се заблагодарам на двајцата полициски службеници од СВР Велес кои несебично ми помогнаа при гаснењето на пожарот во мојот автомобил. Со нивната брза реакција, смиреност и професионализам успеаја да спречат поголема штета. Денес во нив препознав вистински пример за посветеност и пожртвуваност во служба на граѓаните“, напиша таа.
На објавата реагираше и началникот на СВР Велес, Трајче Мехалов, кој ѝ се заблагодари за упатените зборови и за јавното признание на работата на полициските службеници.
„Наша должност е секогаш да бидеме тука за граѓаните кога им е најпотребна помош. Вашата благодарност претставува голема чест за нас и дополнителен мотив уште попосветено да ја извршуваме нашата работа“, порача Мехалов.
Тој нагласи дека е особено задоволен што благодарение на навремената реакција биле избегнати посериозни последици и поголема материјална штета, а целиот настан завршил без дополнителни проблеми.
Извор: makfax.com.mk










