ПРВ.мк
Македонија

Бамби доби нова шанса: Срната од Кичево нема да биде евтаназирана, пронајде нов дом

Бамби доби нова шанса: Срната од Кичево нема да биде евтаназирана, пронајде нов дом

Малата срна Бамби, која пред неколку дена беше пронајдена со тешки повреди во Кичевско, засега ќе продолжи да се бори за живот, откако здружението „Анимал рескју проект“ одлучи да не ја евтаназира и покрај лошите прогнози.

Двомесечното диво животно беше спасено откако работници на ЕВН ја забележале во житно поле. Според информациите, таа била фатена во нелегална стапица, при што претрпела катастрофални повреди на нозете. По извлекувањето, била оставена беспомошно да страда, а при спасувањето ветеринарите затекнале сериозни и инфицирани рани.

По првичниот третман во Кичево, Бамби била пренесена во Скопје, каде што специјалисти направиле дополнителни испитувања и консултации. Иако првично постоела надеж дека ќе биде спасена една нога, подоцнежните прегледи покажале дека оштетувањата на три екстремитети се многу сериозни.

Наместо да се донесе конечна одлука за евтаназија, здружението решило да ѝ даде уште малку време. Бамби сега е сместена на мирна локација во село, каде секојдневно добива терапија, преврски и постојана нега.

Посебно трогателен детал е што таму веќе стекнала нов пријател – мало јаре кое, исто така, било спасено од колење. Според луѓето кои се грижат за нив, двете животни брзо се приврзале едно за друго.

Од здружението упатија благодарност до сите кои помогнале во спасувањето на Бамби, особено до работниците на ЕВН и ветеринарните тимови кои учествуваат во нејзиниот третман, со надеж дека малата срна ќе добие уште една можност за живот.