Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против осум лица, меѓу кои и поранешен градоначалник на Општина Сарај, поранешни секретари, раководители на сектори, службеници и надзорен инженер. Сите се товарат за сериозни кривични дела поврзани со злоупотреби при издавање урбанистички документи.
Пријавените се сомничат за дела како: – злоупотреба на службена положба и овластување, – несовесно работење во службата, – фалсификување или уништување деловни книги.
Според финансиската полиција, осомничените ја пречекориле својата службена моќ и одобриле урбанистички документи за катастарска парцела во Сарај иако немало важечки ДУП, а во документите внесувале невистинити податоци. Притоа биле изготвени и пресметки за надомест за уредување градежно земјиште спротивно на законските прописи. Надзорниот инженер, пак, извршил технички преглед и составил завршен извештај со невистинита содржина.
На овој начин, според истрагата, правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ од с. Глумово се стекнал со противправна имотна корист од 108.638.840 денари.
Кривичната постапка продолжува во Основното јавно обвинителство – Скопје, каде се утврдува целосната одговорност на сите инволвирани лица.














