Концертот на Дино Мерлин на стадионот Кошево во Сараево предизвика вистинска еуфорија, откако сите билети беа распродадени за само еден ден.
Интересот за настапот, кој е закажан за 31 јули, ги надмина сите очекувања. Според податоците, страницата за продажба на билети забележала повеќе од 500.000 посети и дури 5 милиони прегледи за краток временски период, што јасно покажува колкава е побарувачката за овој музички спектакл.
Фановите масовно се упатиле кон продажните места, но и онлајн платформата adriaticket.ba, каде од раните утрински часови се обидувале да обезбедат билет. Овој огромен интерес е уште една потврда дека станува збор за еден од најочекуваните музички настани во регионот.
Станува збор за петти концерт на Дино Мерлин на Кошево, кој веќе сега се најавува како настан што ќе остави силен белег и ќе влезе во историјата на музичката сцена во Босна и Херцеговина. Според медиумите, досега не е забележан ваков интензитет на побарувачка за еден настан во толку краток рок, што го прави овој концерт и културен феномен.
Поради огромниот интерес, веднаш по распродавањето на првиот термин, беше најавен и дополнителен концерт, кој ќе се одржи на 1 август 2026 година, давајќи им шанса на илјадници фанови да бидат дел од ова музичко доживување.
Во својата порака до публиката, Дино Мерлин изрази благодарност и емоции, истакнувајќи дека токму поддршката од фановите го прави овој успех возможен, и најави дека претстојните концерти ќе бидат нешто што долго ќе се памети.




















