По завршување на летниот одмор, пратениците денеска официјално се вратија на работа. До почетокот на изборната кампања на 29 септември, ќе бидат одржани неколку пленарни седници и комисии, а на 12 септември е закажано усвојување на декларација за фер и демократски избори.
Спикерот Гаши истакна дека со оваа декларација партиите ќе се обврзат на коректен изборен процес и испрати порака Собранието да не биде злоупотребено за политички пресметки во пресрет на изборите.
Пратениците веќе имаа вонредна седница на 16 август, кога не поминаа измените на Изборниот законик поради недостиг на Бадентерово мнозинство. Засега нема нова иницијатива за промени на изборните правила пред локалните избори, закажани за 19 октомври.
Следните седници се најавени за 2 и 12 септември, кога ќе се одржи и традиционалната сесија за пратенички прашања. Во текот на изборната кампања пленарни седници нема да има, освен во итни ситуации, кога Собранието останува во постојано заседание.