ПРВ.мк
Македонија

Подгответе се за промена на времето: Утре попладне можни силни невремиња

Подгответе се за промена на времето: Утре попладне можни силни невремиња

По периодот на високи температури, од утре во Македонија се очекува промена на временската состојба, со локална нестабилност, пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за појава на град, најавуваат од УХМР.

Денеска високите температури продолжија во поголемиот дел од земјата. Според мерењата во 17 часот, најтопло било во Скопје, каде на Зајчев Рид биле измерени 34,1 степен, додека во Скопје-Петровец температурата достигнала 34 степени.

Во Велес биле измерени 32,9 степени, во Демир Капија 31,9, а во Тетово 31,5 степени. Значително посвежо било на повисоките места – 20,1 степен на Попова Шапка и 23,5 степени во Крушево.

Во среда претпладне времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, но пресврт се очекува во попладневните часови.

Развојот на нестабилна облачност ќе донесе пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со силен ветер и град.

Нестабилно време се очекува и во Скопје, каде попладне во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд, грмежи и засилен јужен ветер.

Слична временска состојба се прогнозира и за четврток. Претпладне ќе биде претежно сончево, додека попладне повторно ќе има услови за локално невреме со интензивен дожд и град. Температурите ќе се движат од 28 до 35 степени.

Во петок и сабота се очекува постепено стабилизирање, иако можноста за локална нестабилност сè уште останува.