Искреноста кон матичниот лекар е од суштинско значење за поставување точна дијагноза и соодветен третман. Сепак, постојат одредени изјави што можеби е подобро да се избегнат, особено кога се базираат на самодијагноза и погрешно интерпретирани информации од интернет.
Сè почесто, пациентите пред да побараат лекарска помош, се консултираат со „доктор Гугл“ и самите поставуваат дијагноза и одредуваат терапија. Тоа, разбирливо, може да доведе до несоодветна комуникација со здравствените работници, кои веќе се заморени од одредени изјави. Еве три примери на реченици што е препорачливо да ги избегнувате при посета на лекар:
„Ги пребарував симптомите и мислам дека ми треба токму тој тест“
Иако одредени лекари ја поддржуваат информираноста на пациентите преку интернет, реалноста е дека онлајн пребарувањата често создаваат непотребна анксиозност. Пациентите најчесто се фокусираат на најлошите можни сценарија, што предизвикува паника и погрешни претпоставки.
Важно е да се има предвид дека ниту еден пребарувач не може да го замени стручното мислење, дијагностика и проценка на лекарот. Ако лекарот не препорачува одреден тест или терапија, најверојатно постои оправдана медицинска причина за тоа.
„Ми треба антибиотик“
Желбата симптомите брзо да исчезнат со таблети е разбирлива, но антибиотиците не се решение за секоја здравствена состојба. Тие се ефикасни само против одредени бактериски инфекции, додека кај вирусни заболувања, како што се сезонските настинки или желудочни вируси, тие немаат никакво дејство.
Нерационалната употреба на антибиотици не само што може да биде неефикасна, туку и да доведе до несакани ефекти и зголемена отпорност на бактериите, што ја отежнува идната терапија.
„Го земав овој лек, но не се сеќавам зошто“
Прецизното информирање за терапијата е клучен елемент во третманот. Кога ви се препишува лек, важно е да ја запомните дозата, фреквенцијата и причината поради која е препишан. Најдобро е овие информации да ги забележите на телефон или во бележник.
Добрата комуникација и соработка меѓу пациентот, лекарот и фармацевтот значително го зголемуваат успехот на лекувањето и придонесуваат за побрзо и поефикасно закрепнување.