ПРВ.мк
Магазин

Топлотниот бран носи ризик за бебињата: ИЈЗ со итен апел до родителите

Топлотниот бран носи ризик за бебињата: ИЈЗ со итен апел до родителите

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика родителите да бидат особено внимателни за време на високите летни температури, бидејќи доенчињата и малите деца се меѓу најранливите категории кога станува збор за топлотните бранови.

Од ИЈЗ советуваат децата да не се изложуваат на директно сонце, особено во периодот од 11 до 17 часот, туку да престојуваат во сенка или во разладени простории. Воедно, препорачуваат редовен внес на течности според возраста на детето, лесна и светла облека од природни материјали, како и носење капа со широк обод.

Посебно се нагласува дека доенчињата помлади од шест месеци не треба да се мачкаат со крем за сончање, туку да се заштитуваат со сенка и соодветна облека.

Институтот препорачува и ограничување на физичката активност во најтоплиот дел од денот, како и внимателно следење на можните симптоми на прегревање и дехидратација.

Дополнително, ИЈЗ потсетува дека детето никогаш не смее да се остава само во паркиран автомобил, дури ни на кратко и без разлика дали возилото е во сенка, бидејќи температурата во него може многу брзо да достигне опасно високо ниво.

Родителите треба веднаш да побараат лекарска помош доколку детето има висока температура, нарушена свест, силна поспаност, грчеви или ако неговата здравствена состојба нагло се влоши.