Рождество на Пресвета Богородица, познат како Мала Богородица, се празнува на 21 септември и е еден од 12-те најголеми христијански празници во православната црква. Според преданието, Пресвета Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители – благочестивите Јоаким и Ана – како одговор на нивните молитви.
Овој празник има особено значење кај македонскиот народ и е поврзан со бројни народни верувања и обичаи. Се смета за тежок празник, а денот е исполнет со посебна духовна симболика и внимание.
Според црковното правило, на овој ден не се пости, освен ако не се паѓа во среда или петок – тогаш се пости на вода. Бидејќи годинава Мала Богородица се паѓа во недела, дозволено е да се постави богата трпеза.
Верувањата велат дека на Мала Богородица не смее да се работи тешка физичка работа, особено на поле, ниту во домот – не се пере, не се сади и не се извршуваат какви било тешки обврски. Се верува дека денот треба да се помине во мир, молитва и семејно собирање. Народната традиција учи дека секоја работа на овој ден може да донесе несреќа.
Едно од најраспространетите верувања е дека не треба ништо да се изнесува од куќата – ниту храна, ниту предмети, за да не се „изнесе среќата“ од домот. Исто така, овој празник се смета за особено значаен за жените – Пресвета Богородица се слави како заштитничка на мајките и жените што не можат да имаат деца. Жените кои се обидуваат да останат бремени или се пред породување, се молат на овој ден пред нејзините икони, верувајќи во нејзиното застапништво.
Според народната традиција, со овој ден завршува летото и започнува есента, а природата полека се смирува и се подготвува за зимата.
Во селото Богородица кај Гевгелија постои легенда поврзана со Пресвета Богородица. Се верува дека нејзиниот дух престојувал во тамошната црква, но по пожарот во 1835 година, иконата со нејзиниот лик наводно излетала од црквата и никогаш не се вратила. Потоа, селото било погодено од чума, но жителите добиле во сон порака како да се спасат – да направат бразда околу селото со волови и луѓе близнаци, користејќи рало направено од дрво близнак. Откако го направиле тоа, чумата исчезнала, а селото било поштедено.
Мала Богородица се смета за празник на радоста, надежта и семејната благосостојба. Секоја година, илјадници верници се собираат на богослужби, манастирите се посетуваат со верба во исцеление, а трпезите се подготвуваат во чест на Пресвета Богородица – со благодарност и молитва за мир и здравје.