Научници од Австралија дошле до изненадувачки заклучок – луѓето постари од 40 години работат најпродуктивно ако работат само три дена неделно. Според студијата објавена од Melbourne Institute Worker Paper, работењето повеќе од 25 часа неделно доведува до замор и стрес, што значително ги намалува когнитивните способности.
Истражувањето опфатило 3.000 мажи и 3.500 жени, кај кои се анализирани различни аспекти на работните навики. Учесниците биле подложени на тестови за читање зборови и броеви на глас, меморија и логичко размислување. Резултатите биле шокантни: најдобри перформанси покажале оние кои работеле 25 часа неделно, додека оние што работеле по 55 часа имале резултати полоши дури и од невработените.
Оваа студија отвора нова дебата за работното време кај постарите лица и сугерира дека поодминатата возраст не значи пад во способностите – туку дека преголемото оптоварување е клучниот проблем. Можеби токму ова ќе биде сигнал за промена на моделот на работа и воведување на пофлексибилни работни услови за повозрасната популација.