ПРВ.мк
Магазин

РАЈ ЗА ШТЕДЛИВИТЕ ТУРИСТИ: На Јадранот сè уште има место каде кафето е 1 евро, порција ќебапи 5, а ноќевање 35 евра!

РАЈ ЗА ШТЕДЛИВИТЕ ТУРИСТИ: На Јадранот сè уште има место каде кафето е 1 евро, порција ќебапи 5, а ноќевање 35 евра!

Додека цените на летувањето на голем дел од јадранското крајбрежје продолжуваат да растат, една дестинација и натаму останува меѓу најисплатливите избори за оние што сакаат море без огромни трошоци, пренесува „N1 Загреб“.

За многу семејства, одморот на хрватското приморје станува сè поскап поради повисоките цени на сместувањето, храната и угостителските услуги. Доколку немате сопствен апартман или роднини кај кои можете да престојувате, еднонеделниот одмор лесно може сериозно да го оптовари семејниот буџет.

Само неколку километри од хрватската граница се наоѓа Неум – единствениот приморски град во Босна и Херцеговина, кој и ова лето важи за една од најповолните јадрански дестинации.

Неум располага со околу 24 километри крајбрежје и е единствениот излез на Босна и Херцеговина на Јадранското Море. Благодарение на заливот и полуостровот Пељешац, морето таму најчесто е помирно отколку во многу други делови од Јадранот, што го прави особено привлечен за семејства со деца.

Покрај капењето, туристите можат да уживаат во долги прошетки покрај морето, излети со брод, како и посети на блиските туристички атракции како Дубровник, Стон, Корчула и делтата на Неретва, кои се наоѓаат на кратко растојание.

Ноќевање веќе од околу 35 евра по лице

Иако и во Неум цените бележат благо зголемување, тие и понатаму се значително пониски од многу други јадрански летувалишта.

Во шпицот на сезоната, апартман за две лица може да се резервира за околу 50 до 70 евра од ноќ, што изнесува приближно 35 евра по лице.

Постојат и поевтини понуди, додека апартманите во прв ред до морето со прекрасен поглед достигнуваат цена од околу 150 евра за ноќевање. За тричлени и четиричлени семејства, цените најчесто се движат од 70 до 120 евра по ноќ, зависно од локацијата и условите.

Кафе за едно евро, ќебапи од пет евра

Една од причините поради кои туристите повторно се враќаат во Неум се и пристапните цени во рестораните и кафулињата.

Шолја кафе може да се испие за само 1 евро, а цените достигнуваат до 2,5 евра. Порција ќебапи најчесто чини од 5 до 8 евра, додека рибните специјалитети и морските плодови се движат од околу 20 до 50 евра, во зависност од ресторанот и избраното јадење.

Оние што сами подготвуваат оброци можат дополнително да заштедат, бидејќи цените во маркетите се слични на оние во остатокот од Босна и Херцеговина и често се пониски отколку на хрватското крајбрежје.

Колку ќе ве чини одморот?

Ако паркингот не е вклучен во цената на сместувањето, за него треба да се издвојат околу 5 до 7 евра дневно.

Кога ќе се пресметаат сместувањето, храната и пијалаците, еден ден престој за две лица во Неум може да чини од околу 80 до 145 евра, зависно од изборот на апартман и начинот на исхрана.

За седумдневен одмор, еден пар би потрошил приближно меѓу 580 и 1.000 евра, што и понатаму го прави Неум една од најисплатливите дестинации на Јадранот за оние што сакаат квалитетен летен одмор без огромни трошоци.