Историското село Зансе Сханс, сместено во близина на Зандам во западна Холандија, од претстојната пролет ќе почне да наплаќа влез за туристите. Цената на билетот ќе изнесува 17,50 евра, одлучија локалните власти поради сè поголемиот број посетители и притисокот врз малата заедница.
Само минатата година, Зансе Сханс го посетиле околу 2,6 милиони луѓе, што претставува огромен товар за село во кое живеат едвај стотина жители. Местото е светски познато по своите автентични ветерници, традиционални куќи и музеи, што го прави една од најпопуларните туристички дестинации во Холандија.
Директорката на Музејот на Зансе Сханс, Марика Вервеј, објасни дека воведувањето влезница е неопходно поради сè почестите нарушувања на приватноста на жителите. Според неа, многу туристи воопшто не се свесни дека селото е живо населено место.
„Посетителите влегуваат во приватни дворови, седнуваат во градините, тропаат на вратите, фотографираат и дури користат стапчиња за да ѕирнат во куќите. За жителите ова стана секојдневен проблем“, изјави Вервеј.
Таа потсети дека бројот на туристи постојано расте. Во 2017 година селото го посетиле 1,7 милиони луѓе, а годинава бројката се движи кон рекордни 2,8 милиони посетители. „Ова е мало место и едноставно немаме простор и капацитет за толку многу луѓе“, нагласи таа.
Планот за воведување влезница беше поддржан од мнозинството во Советот на Општината, по предлог на Колегиумот на градоначалници и советници. Според одлуката, приходите од билетите ќе се користат за долгорочно одржување, заштита и управување со историското наследство на Зансе Сханс.
Сепак, мерката предизвика и поделени реакции. Дел од мештаните и политичките партии изразија незадоволство, а претприемачите кои работат во селото предупредуваат дека влезницата може да влијае негативно врз бизнисите. Советот претходно го одби и барањето за распишување референдум за ова прашање.















