Објава на турист на Фејсбук, во која се пожалил поради присуство на куче на преполна плажа на хрватскиот остров Вир, предизвика низа реакции на социјалните мрежи.
Мажот во една Фејсбук-група побарал совет каде може да го пријави случајот, објавувајќи фотографија од кучето во морето и прашувајќи дали е дозволено животно да се капе на плажа полна со луѓе.
„Дали е ова во ред и дозволено? На кого да пријавам што куче се капе на плажа преполна со луѓе?“, напишал тој.
Наместо поддршка, неговата објава предизвикала бројни критики. Членови на групата посочиле дека не станува збор за обично домашно милениче, туку за терапевтско куче кое му помага на момче со инвалидитет.
Според коментарите на присутните, кучето е важен дел од секојдневието на момчето и му обезбедува неопходна поддршка и сигурност. Тие истакнале дека животното било мирно, под постојан надзор и дека со своето присуство не им пречело на останатите капачи.
Авторот на објавата, сепак, не го променил својот став. Тој продолжил да смета дека на кучињата не им е место меѓу капачите и дека ваквите случаи треба да се пријавуваат до надлежните институции.
Дебатата набрзо прераснала од прашање за правилата на плажите во поширока дискусија за улогата на терапевтските кучиња и потребата од поголема емпатија и разбирање кон лицата со попреченост.









