На археолошкиот локалитет Расница во струшкото село Корошишта е откриен втор богат гроб кој потекнува од 6 век пред нашата ера. Наодите, според археолозите, дополнително укажуваат дека на ова место се наоѓа значајна древна некропола.
Во гробот бил погребан припадник со висок општествен статус, а археолозите пронашле целосна воена опрема, меѓу која штит, шлем и копја, како и бронзени садови, предмети од килибар и златни артефакти.
Најголемо внимание привлекува златната фолија откриена покрај шлемот. Истражувачите претпоставуваат дека би можело да станува збор за златна погребна маска, но тоа допрва треба да биде потврдено со дополнителни анализи. Доколку претпоставката се потврди, наодот би можел да биде постар од познатите златни маски од Требениште.
Археолозите посочуваат дека особено значаен е фактот што е откриен целокупниот контекст на погребувањето. Според нивните досегашни сознанија, монументалноста на гробниците на Расница е исклучителна и отвора нови можности за проучување на раноархајскиот период во регионот.
Истражувањата на локалитетот се спроведуваат трета година, а откривањето на втор богат гроб дополнително ја зацврстува претпоставката дека станува збор за поголема и значајна некропола.
Од Управата за заштита на културното наследство најавуваат поддршка за продолжување на работата. Планирано е до Владата да биде предложено истражувањата на Расница да добијат статус на капитален проект, со што ископувањата би продолжиле повеќегодишно и систематски.
Пронајдените предмети ќе бидат конзервирани и подложени на лабораториски анализи. Токму тие треба да дадат попрецизни одговори за нивната старост, потекло и значење, како и за луѓето кои пред повеќе од два и пол милениуми биле погребувани на ова место.









