Длабоко под површината на Источна Африка се одвива моќен геолошки процес кој постепено го раздвојува континентот. Иако ова звучи како сценарио од научна фантастика, научниците предупредуваат дека станува збор за реален феномен кој, на долг рок, би можел да доведе до создавање на нов океан – но дури по неколку милиони години.
Истражувачки тим од Универзитетот во Суонсеи од Велика Британија детално ја проучувал Афарската раседна зона – едно од најнеобичните места на планетата. Овој регион претставува геолошки крстопат каде се среќаваат три големи тектонски системи: Етиописки расед, Црвено Море и Аденски Залив. Токму таму, од длабочините на Земјата се издига магма која создава сили што постепено ги оттурнуваат тектонските плочи.
Научничката Ема Ватс заедно со својот тим анализирала повеќе од 130 примероци од млади вулкани во регионот. Овие податоци биле споредени со претходни истражувања, при што биле користени напредни статистички модели за да се разбере движењето на мантијата и Земјината кора во овој активен геолошки појас.
Резултатите покажуваат нешто фасцинантно – мантијата под Африка не е мирна, туку се однесува како да „пулсира“, туркајќи ја магмата нагоре. Овој процес создава постојан притисок кој придонесува за постепено раздвојување на континентот.
Иако на годишно ниво поместувањето изнесува само од 5 до 16 милиметри, на временска рамка од милиони години, тоа може да доведе до целосно одвојување на источниот дел на Африка и создавање на нов океански басен.
Геологот Том Гернон од Универзитетот во Саутемптон објаснува дека ова е редок увид во процесот на формирање на нов океан. Според него, ваквите истражувања не само што откриваат како се менува површината на Земјата, туку помагаат и во подобро разбирање на вулканските и тектонските процеси кои имаат влијание врз целиот свет.









