Многу возачи не обрнуваат внимание на ситуацијата кога на бензинска пумпа пристигнува цистерна со гориво, но експертите предупредуваат дека токму тој момент може да биде проблематичен за возилата.
Горивото на бензинските пумпи се чува во големи подземни резервоари во кои со текот на времето се таложат најтешките честички, ситен талог и разни нечистотии. Овие остатоци се собираат на дното и во нормални услови не претставуваат проблем, бидејќи остануваат одвоени од чистото гориво кое се користи за точење.
Проблемот настанува во моментот кога пристигнува цистерна и почнува да го полни резервоарот. Поради силниот проток и движењето на течноста, талогот од дното може да се подигне и да се измеша со горивото. Тоа создава ситуација слична на мешање на течност во која на дното има насобран седимент – се што било одвоено одеднаш станува дел од целата смеса.
Овој ефект е уште поизразен кога резервоарите се речиси празни, бидејќи тогаш движењето на седиментот е поголемо и горивото може да стане позаматено. Иако големите синџири на бензински пумпи редовно вршат одржување и чистење, кај помалите објекти ова не секогаш се спроведува со иста строгост.
Последиците од вакво „вознемирено“ гориво најчесто се забележуваат кај модерните возила, особено кај дизел моторите. Современите системи за вбризгување работат под висок притисок и се многу чувствителни на микроскопски честички. Дури и мала количина нечистотија што ќе помине низ филтрите може да доведе до затнување или оштетување на инјекторите.
Таквите дефекти не се наивни – поправките често чинат стотици, а понекогаш и илјадници евра. Затоа експертите препорачуваат едноставна мерка на претпазливост: ако забележите дека на пумпата се истоварува цистерна и се полнат подземните резервоари, подобро е да почекате или да изберете друга бензинска станица.
Иако чекањето може да изгледа како мала непријатност, ризикот од потенцијално скапи оштетувања на моторот е многу поголем. Во вакви ситуации, трпението може да значи значителна заштеда и помалку проблеми на долг рок.







