ПРВ.мк
Магазин

Не ја потценувајте горештината: Овие симптоми се знак дека телото е во опасност

Не ја потценувајте горештината: Овие симптоми се знак дека телото е во опасност

Екстремно високите температури не се само непријатност, туку можат сериозно да го загрозат здравјето. Топлотните бранови го зголемуваат ризикот од дехидрација, топлотна исцрпеност и топлотен удар, состојба која може да биде опасна по живот.

Најранливи се малите деца, постарите лица, бремените жени и лицата со хронични заболувања, па токму тие треба да бидат особено внимателни во деновите кога температурите се екстремно високи.

Експертите советуваат редовно да се внесуваат течности, без да се чека појавата на жед, бидејќи организмот преку потење губи големи количини вода. Најдобар избор е обичната вода, а се препорачува и избегнување алкохол и прекумерно количество кофеин.

Во периодот од 11 до 17 часот треба да се избегнува престој на директно сонце. Ако излегувањето е неопходно, се препорачува лесна и светла облека, капа, очила за сонце и престој во сенка колку што е можно повеќе.

Посебно внимание треба да посветат и лицата кои работат на отворено. Физичките активности во најтоплиот дел од денот треба да се ограничат, а работата да се организира со почести паузи и можност за разладување.

Во домот, експертите препорачуваат просториите да се одржуваат посвежи со спуштени ролетни или завеси, а проветрувањето да се врши во утринските и вечерните часови кога температурите се пониски.

Доколку се појават симптоми како вртоглавица, силна главоболка, слабост, мачнина или прекумерно потење, потребно е веднаш да се побара ладно место, да се внесат течности и да се одмори. Ако лицето има висока телесна температура, конфузија, губење на свест или други сериозни симптоми, неопходно е итно да се побара медицинска помош.

Со навремена превенција и почитување на препораките, ризикот од сериозни последици за време на топлотните бранови може значително да се намали.