Иако многумина веруваат дека луѓето со висок коефициент на интелигенција секогаш брзо носат одлуки и имаат подготвен одговор за секоја ситуација, психолозите велат дека реалноста е поинаква.
Според нив, натпросечно интелигентните личности најчесто размислуваат подолго, детално ги анализираат сите можни исходи и ретко носат импулсивни одлуки. Наместо брзо да реагираат, тие внимателно ги разгледуваат различните сценарија пред да изберат што е најдобро.
Една од најизразените особини е постојаната желба за учење и откривање нови информации. Луѓето со висок IQ тешко прифаќаат нешто да остане неразјаснето и често продолжуваат да истражуваат сè додека не дојдат до одговор. Истражувања спроведени врз повеќе од 25.000 испитаници покажале дека љубопитноста е тесно поврзана со повисоко ниво на интелигенција.
Втора карактеристика е тенденцијата и наједноставните одлуки да ги претворат во долга анализа. Изборот на ресторан, филм или производ често им одзема повеќе време, бидејќи несвесно ги споредуваат сите можни предности и недостатоци.
Психолозите издвојуваат и уште една особина – стремежот секогаш да се пронајде најдоброто можно решение. Наместо да се задоволат со првата прифатлива опција, тие внимателно ги разгледуваат последиците од секој избор.
Иако ваквото однесување понекогаш може да изгледа како неодлучност, експертите нагласуваат дека најчесто станува збор за природен резултат на аналитичкиот начин на размислување. Активниот ум постојано обработува информации, поставува прашања и бара подобри решенија, што е една од честите одлики на луѓето со натпросечна интелигенција.






