Во 1816 година светот се соочил со нешто досега невидено – целата година минала без ниту еден летен ден, што ја врежало оваа година во историјата како „Годината без лето“, или за многумина, најужасната година што човештвото ја запаметило.
Иако јануари и февруари биле релативно нормални, од март започнал вистински климатски кошмар. Април и мај биле облеани во постојан дожд, јуни и јули наместо топлина донеле снег и мраз, а есента практично никогаш не престанала – зимата се влечела со цела година, со катастрофални последици.
Лето едноставно не постоело. Ниту еден месец без студ, без сонце, без нормални услови за живот и земјоделие. Земјите од северната хемисфера, особено Европа и Северна Америка, се нашле во климатска блокада – посевите се уништиле, гладот се проширил како пожар, цените на храната се зголемиле десеткратно, а социјалниот поредок почнал да се распаѓа. Во некои места, гладот довел и до немири, кражби и злосторства.
Сето ова долго време останало без логично објаснување. Дури во 1920 година, американскиот научник Вилијам Хамфрис изнел хипотеза која денес е широко прифатена: климатската катастрофа ја предизвикала ерупцијата на вулканот Тамбура, кој во април 1815 година, на островот Сумбава (денешна Индонезија), исфрлил огромна количина пепел и сулфурни честички во атмосферата, блокирајќи го сонцето и создавајќи глобален ефект на ладење.
Покрај студот и гладот, во јужната хемисфера монсуните ги разурнале тропските региони, а резултатот бил – смртоносна епидемија на тифус, која однела десетици илјади животи.
Оваа „зима од 365 дена“ останува еден од најекстремните природни феномени во модерната историја – доказ колку природата може за миг да ја промени судбината на светот.