Никола Станишиќ од Волково е новиот победник на музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ 2025! Тој е првиот и единствен македонски финалист оваа сезона, а вечерва се враќа дома со трофејот во раце и над 138.000 гласови зад себе.

Станишиќ во финалето ги воодушеви и публиката и жирито со својата емоционална изведба на песна од ДНК, посветена на жртвите од трагедијата во Кочани. Настапот беше полн со искрена емоција, а неговата посветеност кон публиката и музиката не остана незабележана.

Поддршката што ја доби од гледачите беше импресивна – дури 138.714 гласа – што го постави на првото место во конкуренција од 20 талентирани финалисти. Прва што му честиташе по објавувањето на резултатите беше неговата менторка Цеца Ражнатовиќ, која емотивно го прегрна и ја сподели радоста од успехот со него.

Патот на Никола низ натпреварувањето беше обележан со константен напредок, поддршка од жирито и огромен број фанови кои го следеа и навиваа за него од првиот настап. Со оваа победа, тој не само што ја однесе титулата во Македонија, туку и докажа дека талентот, трудот и искрената емоција секогаш победуваат.
🎥 Погледнете го видеото од моментот кога беше прогласен за победник и проследете ја експлозијата на емоции што го обележа крајот на оваа незаборавна сезона.