ПРВ.мк
Магазин

Над 2.000 хотели во Туркије се здобија со најпрестижниот GSTC-сертификат во глобалниот туризам

Над 2.000 хотели во Туркије се здобија со најпрестижниот GSTC-сертификат во глобалниот туризам

Повеќе од 2.000 сместувачки капацитети во Туркије веќе добија меѓународно признати сертификати од Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC), што ја прави земјата светски лидер според бројот на вакви сертифицирани објекти. Овој GSTC-сертификат означува дека хотелите покрај врвната услуга и разновидните содржини, обезбедуваат стандарди за одржливост, зголемувајќи ја својата посветеност на заштита на животната средина и висока хармонизација со природата.

Во 2022 година Туркије потпиша договор за соработка со Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC), и во партнерство со него ја разви Националната програма за одржлив туризам, воспоставувајќи на тој начин рамка на владино ниво за унапредување на овој сектор.

Програмата предвидува ригорозни проверки и ревизии засновани на GSTC-стандардите, а сертификацијата, од доброволна, постепено почнува да се наметнува и како законска обврска. Туркије има зацртано цел до 2030 година сите сместувачки капацитети во таа земја да ја завршат оваа постапка.

Ако до крајот на 2024 година овој престижен сертификат го имаа добиено 1.466 објекти, веќе до 1 септември оваа година бројката достигна 2.005 сертифицирани капацитети, што е раст од 37% за само девет месеци. Практично, над 80 отсто од сите GSTC-сертифицирани објекти во светот денес се наоѓаат токму во Туркије. Гледано по одделни региони, најдобри се Анталија, Кршекир и Килис, каде веќе над 50% од капацитетите се сертифицирани со овие стандарди, додека Истанбул, Коња, Ширнак, Газиантеп, Кајсери и Ајдин имаат над 30%.    

Министерот за култура и туризам на Туркије, Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата нема да застане на оваа бројка од над 2.000 хотели со целосна GSTC-сертификација, заедно со уште 19.000 капацитети кои се веќе проверени според глобалните стандарди, но сѐ уште ја очекуваат конечната сертификација.

„Решени сме Туркије да биде глобален лидер кој активно ја обликува иднината на одржливиот туризам. Одржливоста е веќе основен принцип и колективна одговорност. Туркије сега овие напори ги проширува и во гастрономијата“, рече Ерсој.

Честитајќи ѝ го на Туркије ова извонредно достигнување, извршниот директор на GSTC, Ренди Дурбанд изрази надеж дека тоа ќе биде инспирација и за други дестинации.

„Националната програма за одржлив туризам на Туркије е глобален пример за тоа како владите и приватниот сектор можат да соработуваат за да го подигнат нивото на одржливост преку ригорозна програма што ги опфаќа сите видови сместувања“, потенцира Дурбанд.

Промовирајќи го својот туризам и на глобално ниво, Туркије во 2023 година во Анталија ја организираше глобалната GSTC конференција за одржлив туризам.

Escape