Мајскиот продолжен викенд е тука – сонце, скара, друштво, и полна маса. Сѐ е подготвено за убав ден, ама една-две грешки се доволни за да си го расипеш и денот и расположението. Еве четири работи што сите ги правиме, ама можеме лесно да ги избегнеме:
1. Пиеме премногу, предолго и без мера
Кај нас, мезето почнува уште пред да се запали скарата – ракија на гладно, по некоја чашка вино со првиот залак, после пиво, а вечерта… и не знаеш како си стигнал до таму. Звучи познато?
Ништо лошо нема во тоа да се напиеш и да се опуштиш, ама знај ја својата граница. Пиј полека, уживај со мерак, и најважно – не седнувај зад волан! Денот е убав само ако безбедно стигнеш дома.
2. Јадеме како да нема утре
До скарата – веќе си сит од мезе. Кога конечно стигнува месото, очекуваш да пробаш од сѐ, ама телото веќе ти вика „доста е“. И пак, има уште, „да не снема“, па уште едно парче, па уште едно…
Совет? Намали со сувомеснатото пред ручекот – нека бидат само салатите. А кога ќе дојде скарата, пробај од сѐ по малку. Иако изгледа како малку – телото ќе ти биде благодарно.
Вечера после цел ден скара? Заборави. Една чаша јогурт е сосема доволно. Стомакот ти заслужува пауза.
3. Политика + алкохол = лоша идеја
Муабетите секогаш стигаат до политика, па уште ако некој има и по некоја чашка повеќе… не е далеку кавгата. А ти дојде за да уживаш, не за расправија.
Пушти ги муабетите за некој друг ден. Денеска – уживај со блиските, смеј се, јади и пиј со мера. Политиката ќе почека.
4. Кршиме правила и после се чудиме
Многу места се забранети за палење оган, и казните не се наивни – 200 евра. А и 50 евра глоба ако оставиш ѓубре зад себе. Затоа – нека биде скарата во двор, на тераса или во некоја кафеана. И секогаш, ама баш секогаш, исчисти зад себе. Не поради казните – туку од почит кон природата, и кон себе.