Путин: „Украинските сили сѐ уште се наоѓаат во Курската област“
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека, и покрај претходните тврдења за целосно ослободување на Курска област, преостанатите украински војници сѐ уште се наоѓаат во регионот. Според неговите зборови, тие се кријат во подруми и бараат евакуација. Путин додаде дека „се избркани од Курската област, но преостанатите војници се уште се кријат во пукнатини и подруми, барајќи евакуација“.
Од друга страна, Украина ги отфрли овие тврдења, истакнувајќи дека борбите во Курската област продолжуваат. Според украинскиот Генералштаб, „ситуацијата е тешка, но нашите единици сѐ уште држат одредени позиции и ги извршуваат своите задачи“. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека активни одбранбени операции се во тек и во Курсктаа и во соседната Белгородска област.
Во исто време, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изрази подготвеност за мировен договор со посредство на САД, под услов да се прецизираат некои елементи. Американскиот претседател Доналд Трамп, по средбата со Зеленски, изрази фрустрација кон Путин, сигнализирајќи построга позиција.
Покрај тоа, Русија официјално призна дека сѐ уште има севернокорејски војници на теренот во Курската област. Според изјавата на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, „пограничните трупи на Северна Кореја, кои беа обучувани на источните руски полигони, веќе пристигнаа во зона на борбени дејства“. Се проценува дека околу 11.000 севернокорејски војници се распоредени во Курска област.
И покрај овие тврдења, независни извори и аналитичари укажуваат на можни знаци на замор и слабеење на руските сили, што може да укажува на проблеми во нивната оперативна ефикасност.