Министерството за финансии на САД објави дека САД и Украина потпишаа договор за формирање инвестициски фонд за реконструкција по неколку недели тешки преговори.
„Како признание за значајната финансиска и материјална поддршка што народот на Соединетите Американски Држави ѝ ја обезбеди на Украина за време на руската инвазија, ова економско партнерство ги зближува нашите две земји да соработуваат и да инвестираат заедно за да се осигура дека нашите ресурси, таленти и способности можат да го забрзаат економското закрепнување на Украина“, се вели во соопштението, без да се дадат детали за содржината на договорот.https://ads.sportm.mk/www/images/f1223eeb152efb4efe10aca91214f442/index.html?clickTag=https%3A%2F%2Fads.sportm.mk%2Fwww%2Fdelivery%2Fcl.php%3Fbannerid%3D177%26zoneid%3D27
„Ал Џезира Балканс“ објави дека САД и Украина потпишаа два договора во среда – за формирање инвестициски фонд за реконструкција и договор за пристап до украинските природни ресурси.
Договорот за пристап до украинските природни ресурси ќе им обезбеди на САД преференцијален пристап до нови инвестициски проекти за развој на украинските природни ресурси, вклучувајќи алуминиум, графит, нафта и природен гас.
Украина соопшти дека обезбедила клучни интереси по долги преговори, вклучително и целосен суверенитет над сопствените ретки метали, кои се клучни за новите технологии и во голема мера се неискористени.
Трамп првично побара права врз минералното богатство на Украина како компензација за милијарди долари американско оружје испратено од поранешниот претседател Џо Бајден по руската инвазија пред нешто повеќе од три години.
По почетното двоумење, Украина го прифати договорот за минерали како начин за обезбедување долгорочни американски инвестиции, додека Трамп се обидува драстично да ги намали безбедносните обврски на САД низ целиот свет.
Најавувајќи го потпишувањето на договорот во Вашингтон, американскиот секретар за финансии Скот Бесант рече дека тоа ја покажува „посветеноста на двете страни кон траен мир и просперитет во Украина“.
„Овој договор јасно ѝ покажува на Русија дека администрацијата на Трамп е посветена на мировен процес фокусиран на слободна, суверена и просперитетна Украина на долг рок“, рече Бесант.
Украинската министерка за економија Јулија Свириденко вчера пристигна во Вашингтон по очигледниот пробив во преговорите за потпишување на договор со американскиот секретар за финансии Скот Бесант. Откако учествуваше на церемонијата на потпишување со Бесент, Свириденко ги објави главните одредби од договорот на социјалните медиуми.
На Платформата X, таа изјави дека договорот воспоставува инвестициски фонд за реконструкција со цел привлекување западни инвестиции во украински проекти во областите на минерали, нафта и гас.
Таа нагласи дека природните ресурси остануваат сопственост на Украина и дека Киев самостојно ќе одлучи за локациите за експлоатација. Партнерството ќе биде рамноправно, во сооднос 50:50, без обврска за позајмување од САД. Соединетите Американски Држави ќе преземат улога во привлекувањето капитал и технологија за проекти на украинска територија.
Како дел од договорот, САД ќе му обезбедат на Киев дополнителна помош, што би можело да вклучува, на пример, системи за воздушна одбрана. Ова е клучна одредба што не беше вклучена во претходните нацрти на договорот.
Според Свириденко, приходите и исплатите на фондот нема да бидат оданочени во ниту една од земјите. Таа додаде дека договорот сè уште треба да биде ратификуван од украинскиот парламент.
Договорот, пишува Свириденко, го признава придонесот на Украина кон глобалната безбедност и им се заблагодарува на сите што учествуваа во неговото постигнување.
Во Киев, премиерот Денис Шмихал изјави на националната телевизија дека договорот е „добар, еднаков и корисен“.
Во објава на Телеграм, Шмихал рече дека двете земји ќе основаат Инвестициски фонд за реконструкција, при што двете страни ќе имаат 50 проценти од правото на глас.
„Украина ја задржува целосната контрола врз своите минерали, инфраструктура и природни ресурси“, рече тој.
Во согласност со клучното барање на Киев, тој рече дека од Украина нема да се бара да врати никаков „долг“ за милијарди долари американско оружје и друга помош откако Русија изврши инвазија во февруари 2022 година.
„Добивката на фондот ќе биде реинвестирана исклучиво во Украина“, рече тој.
Трамп првично бараше 500 милијарди долари минерално богатство – околу четири пати повеќе од она што САД досега ѝ го дадоа на Украина за време на војната.
Трамп избегнуваше да ѝ понуди безбедносни гаранции на Украина и ги отфрли нејзините аспирации за членство во НАТО.
Сепак, Трамп во средата изјави дека присуството на САД на терен би било корисно за Украина.
„Мислам дека американското присуство ќе ги држи многу лоши актери подалеку од земјата или барем подалеку од областа каде што рудариме“, рече Трамп на состанок на кабинетот.
Според различни проценки, Украина поседува околу пет проценти од светските минерални ресурси и ретки минерали. Сепак, експлоатацијата на многу наоѓалишта сè уште не е започната, а многу се наоѓаат на територии кои сега се под руска контрола.
Имено, Украина има околу 20 проценти од светските резерви на графит, клучен материјал за електрични батерии, според Француското биро за геолошки и рударски истражувања.
Украина е исто така голем производител на манган и титаниум и тврди дека има најголеми наоѓалишта на литиум во Европа.