Луна Фенер, весело и разиграно девојче, на светот дојде како потполно здраво бебе. Но, имаше белег кој ја разликуваше од другите деца – родена е со голема црна бенка преку речиси целото лице. Исплашени дека, кога ќе порасне, ќе се соочи со негативни коментари и малтретирање, а можеби и со прераснување во жртва на насилство, родителите одлучиле што поскоро да преземат нешто. Американските лекари процениле дека ќе бидат потребни дури 80 операции. Меѓутоа, руските стручњаци понудиле поинаков и, како што се испостави, поефикасен третман.
Светот со внимание ја следеше нејзината приказна. На интернет дури го доби и прекарот „Девојчето со маска на Бетмен“. Луна Фенер е родена со џиновска црна дамка во форма на пеперутка која ѝ го прекриваше речиси целото лице, а денес трагите од тој белег едвај се забележуваат благодарение на специјалната програма за лекување што ја осмислија докторите во Краснодар и Санкт Петербург. Неодамнешната, последна операција за отстранување на лузните го означи конечниот крај на борбата која траеше речиси од моментот кога го здогледа светот.
Безброј пати се наоѓаше на операционата маса. Премногу за нејзините седум години живот. Во мај, хирурзите ѝ имплантираа четири експандери на ткиво – специјални уреди кои постепено се полнат со цел да ја истегнат здравата кожа за пластичната операција што следеше, а која беше извршена на 22 јули.
Отстранувањето на остатоците од дамката и лузните траеше неколку часа. Процесот се одвиваше според планираното, а претставник на клиниката набрзо ги сподели убавите вести со медиумите и јавноста: „Сè мина во најдобар ред. Луна беше во одлична расположение, еве веќе се игра.“
На почетокот на август беа извадени и последните шевови. Мајката на Луна, Керол, изјави дека девојчето „не може да престане да се гледа во огледалото“. Кожата сега е мазна и нормална, а отокот полека се намалува. Овој месец со родителите ќе се врати дома, во Соединетите Американски Држави. Остануваат уште неколку чекори... За две или три години веројатно ќе бидат потребни мали козметички корекции, особено во пределот на веѓите, но најтешкиот дел е зад неа.
Приказната на ова храбро девојче започна во 2019 година, кога се роди со ретка промена на кожата – џиновски меланоцитен невус, во секојдневниот говор познат како бенка. Во нејзиниот случај тоа не беше само козметички дефект, бидејќи можеше да се развие во меланом, рак на кожата кој брзо напредува кај малите деца.
Лекарите во САД предложија сложена програма составена од дури 80 операции на лицето што требаше да се извршат во период од пет години. Сфаќајќи дека тоа би било премногу за мало дете, им препорачаа на родителите во тој потфат да се впуштат кога таа ќе порасне.
Меѓутоа, мајката на Луна не сакаше да чека. Патуваше во Бостон, Чикаго и Њујорк во потрага по доктор кој би можел да помогне. Во Америка лекувањето би чинело речиси половина милион долари, а лузните и понатаму би останале. Во моментот кога семејството речиси ја изгуби надежта, човек од другата страна на планетата дојде на помош.
Онкологот од Краснодар, Павел Попов, ја видел приказната на интернет и ја контактирал Керол, нудејќи алтернатива – фотодинамична терапија. Оваа метода, која често се користи во лекувањето на ракот, е многу помалку агресивна, а невусот би се отстранил по само неколку операции. Родителите на Луна се согласија. Во септември 2019 година, Керол со седуммесечното бебе отпатува за Русија. Сопругот остана на Флорида бидејќи мораше да работи за да го плати лекувањето.
„Сите мислеа дека сум луда што одам во Русија, но доста истражував и сфатив дека тоа е најдобрата опција за Луна“, објасни мајката. Првата операција во клиниката во Краснодар беше повеќе од успешна. По само два третмани резултатот беше запрепастувачки: дамката на челото исчезна.
До октомври 2021 година, Луна имаше шест операции. Резултатите ги надминаа сите очекувања и „маската на Бетмен“ на крајот целосно исчезна. Набљудувајќи го своето ново лице во огледалото, девојчето радосно рече: „Тамната дамка ја снема. Јас сум принцеза!“.
Остатоците од невусот и лузните беа отстранети во април, во Санкт Петербург, каде што го продолжи лекувањето под водство на д-р Олга Филипова. Керол Фенер повеќе пати истакна дека донела исправна одлука кога го послушала советот на онкологот Попов. „Сега сум потполно сигурна дека ќе успееме. На правото место сум, во правата земја, со вистинските стручњаци“, изјави Американката кога пред седум години го донесе детето во Русија. И беше во право.
Луна сега е добро и може да продолжи да ужива во безгрижното детство. А нејзината приказна носи и многу важна, хумана порака: на разликите не треба да гледаме како на недостатоци и да не вртиме глава од луѓето за кои мислиме дека се „поинакви“, туку на сите, особено на најмладите, да им пристапиме со разбирање, поддршка и љубов.







