Инстаграм подготвува нови функции со кои корисниците ќе добијат многу поголема контрола врз содржината што им се појавува на почетната страница и во Reels.
Првиот човек на платформата, Адам Мосери, најави дека функцијата „Вашиот алгоритам“ постепено ќе стане многу подостапна и ќе биде интегрирана во различни делови од апликацијата. Целта е секој корисник полесно да влијае врз препораките што ги добива.
Според најавените промени, со едноставно повлекување надолу на почетниот екран ќе може да се отвори менито за персонализација на алгоритмот. Дополнително, кај Reels се тестираат нови начини преку кои корисниците ќе можат веднаш да покажат дали сакаат да гледаат повеќе или помалку содржини од одреден тип.
Мосери објасни дека дел од овие можности веќе се тестираат, некои наскоро ќе бидат достапни за поширок круг корисници, а за други сè уште не е сигурно дали ќе станат дел од конечната верзија на апликацијата.
И покрај најавените подобрувања, реакциите на корисниците останаа речиси едногласни. Најчестото барање под објавата на Мосери е алгоритмот повторно да им дава приоритет на објавите од профилите што корисниците веќе ги следат, наместо постојано да препорачува содржини од непознати профили.
Доколку новите функции се покажат успешни, тие би можеле значително да го променат начинот на кој корисниците ја персонализираат својата почетна страница и препораките на Инстаграм.








