Цвеклото драстично го подобрува протокот на крв: Го намалува ризикот од мозочен и срцев удар
Познатиот британски доктор Мајкл Мосли посочува дека една едноставна, но моќна намирница – цвеклото – може значително да придонесе за подобрување на циркулацијата и намалување на ризикот од сериозни кардиоваскуларни заболувања.
Цвеклото е богато со природни нитрати кои, откако ќе се внесат во организмот, се претвораат во азотна киселина. Тоа, според д-р Мосли, помага во проширување на крвните садови и подобрување на протокот на крв, што потенцијално може да го намали ризикот од мозочен или срцев удар за дури 10 проценти.
– Цвеклото содржи високо ниво на нитрати. Бактериите од плунката ги претвораат овие соединенија во азотен оксид, што води до релаксација и ширење на крвните садови, овозможувајќи подобар проток на крв до екстремитетите – објаснува д-р Мосли, потсетувајќи дека уште античките Грци и Римјани го препознале лековитиот потенцијал на овој коренест зеленчук.
Цвеклото и крвниот притисок
Дневната доза сок од цвекло може значајно да влијае врз крвниот притисок. Една научна студија, објавена од реномираниот NCBI, покажала дека неколкунеделна секојдневна консумација на цвекло довела до намалување на просечниот крвен притисок кај испитаниците. Според д-р Мосли, одржувањето на ваква рутина може долгорочно да го намали ризикот од мозочни и срцеви удари.
Придобивки за мозокот
Цвеклото, покрај срцето, позитивно влијае и врз функцијата на мозокот. Истражувањата покажуваат дека комбинацијата од сок од цвекло и физичка активност може да го подобри протокот на крв во клучните делови на мозокот што се одговорни за движењето.
– Една студија откри дека оние што редовно вежбале и консумирале сок од цвекло покажале мозочна активност слична на онаа кај значително помлади лица. Тоа укажува дека овој природен напиток може да помогне мозокот да остане млад и активен подолго време – заклучува д-р Мосли.