Еден светкав чорап што го носел кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон, за време на неговата француска турнеја во 1997 година, беше продаден на аукција во градот Ним за 6.200 евра, објавија организаторите.
Чорапот, украсен со кристали, првично бил проценет на 4.000 евра, а имал посебна вредност бидејќи Џексон го носел за време на спектакуларниот настап во Ница, на стадионот „Чарлс Ерман“, на 27 јуни 1997 година, при изведбата на хит-песните „Beat It“ и „Billie Jean“, пишува „Фигаро“, а го пренесува „Информер“.
Овој предмет го пронашол тогашниот сценски техничар во близина на гардеробата по концертот. Тој го чувал чорапот заедно со пропусницата за зад сцената и платниот список од тоа време, што служело како доказ за неговата автентичност.
Претходниот обид за продажба на 21 јули не успеал поради, како што беше наведено, лошото медиумско известување.
Новиот термин за аукција предизвикал поголем интерес кај колекционерите, па чорапот беше продаден за повеќе од двојно поголема цена од почетната, која изнесуваше 2.500 евра.
Инаку, шапката што Мајкл Џексон ја носел за време на неговата прва изведба на легендарниот танц „месечева прошетка“ на телевизија во 1983 година, минатата година беше продадена во Париз за 77.640 евра.