Купувањето нов автомобил денес станува сè поголем предизвик поради високите цени, разновидните технологии и скапото одржување.
Шпанскиот автомеханичар Хавиер Сендин, прогласен за најдобар автомеханичар во Шпанија во 2023 година, откри каков автомобил би купил доколку денес мора да избира.
„Искрено, воопшто немам желба да купувам нов автомобил. Но, ако морам, без размислување би избрал плаг-ин хибрид, по можност јапонски“, изјавил Сендин за „Мундо Депортиво“.
Според него, плаг-ин хибридите претставуваат добар компромис меѓу електричните и бензинските автомобили.
Тие овозможуваат секојдневно возење на електрична енергија, додека бензинскиот мотор обезбедува поголема практичност при подолги патувања.
Некои современи модели можат да поминат повеќе од 90 километри само на електричен погон, додека комбинираниот досег кај одредени автомобили надминува 1.000 километри.
Сепак, Сендин предупредува дека одржувањето на модерните автомобили станува неверојатно скапо.
„Мултимедијален екран може да чини од 9.000 до 10.000 евра, а матрично предно светло дури 2.500 евра“, посочува автомеханичарот.
Поради високите цени на електрониката, сензорите и резервните делови, дури и помала сообраќајна несреќа може да предизвика огромни трошоци.
Според него, оштетување на две предни светла и активирање на воздушните перничиња понекогаш може да биде доволно автомобилот да биде прогласен за тотална штета.
Иако признава дека современите автомобили се побезбедни, поудобни и технолошки понапредни, Сендин предупредува дека сето тоа има своја цена.
Неговиот избор би бил јапонски плаг-ин хибрид, особено доколку сопственикот има можност редовно да ја полни батеријата.









