ПРВ.мк
Црна Хроника

Ја добија титулата најлоши ограбувачи во историјата: Сакале да ограбат банкомат, а потоа сè тргнало наопаку

Ја добија титулата најлоши ограбувачи во историјата: Сакале да ограбат банкомат, а потоа сè тргнало наопаку

Двајца крадци од Велика Британија станаа познати по еден од најнесмасно изведените обиди за грабеж, откако се обиделе да украдат банкомат, но направиле низа неверојатни грешки.

Дин Смит (33) и Џеј О’Нил (35) се обиделе да ограбат банкомат во супермаркет во градот Карлајл, користејќи впечатливо зелен комби-камион „фолксваген крафтер“.

Околу 6:30 часот наутро, половина час пред отворањето на супермаркетот, неколкупати удриле со возилото во ѕидот за да го извлечат банкоматот.

Иако го оштетиле ѕидот и банкоматот, не успеале да земат ниту една банкнота и избегале со празни раце.

Но, вистинските проблеми за крадците започнале дури тогаш.

О’Нил, кој веќе бил осудуван и се наоѓал на условна слобода, носел електронска алка на ногата, со што полицијата можела да ја утврди неговата локација во моментот на грабежот.

Дополнително, возилото што го користеле било огласено за продажба на Фејсбук само еден ден претходно, а на фотографијата било паркирано пред куќата на Смит.

Неколку часа подоцна, полицијата го забележала зеленото возило на автопатот М6. Смит се обидел да избега, при што удрил во полициски автомобил, но набргу бил уапсен.

Алкотестот покажал дека имал речиси трипати повеќе алкохол од дозволеното.

Благодарение на надзорните камери и електронското следење, двајцата ја признале вината во рок од 36 часа.

Смит добил 33 месеци затвор, а О’Нил 24 месеци.

Нивниот адвокат го опишал случајот како еден од најсериозните кандидати за титулата „најлош грабеж во историјата“.