ПРВ.мк
Магазин

„Проект Среќа“ испраќа 26 деца на летување, Кристина бара поголема поддршка

„Проект Среќа“ испраќа 26 деца на летување, Кристина бара поголема поддршка

Пејачката и хуманитарка Кристина Арнаудова јавно го изрази своето разочарување поради недоволната поддршка за хуманитарната работа на здружението „Проект Среќа“, и покрај тоа што годинава успеале да обезбедат летување за 26 деца од социјално ранливи семејства.

Арнаудова, која веќе 11 години активно работи преку своето здружение, откри дека дел од децата за првпат ќе имаат можност да заминат на море или езеро благодарение на донациите од граѓани.

„Оваа година, до овој момент, обезбедивме средства за летни кампови за 26 деца. Грција, Македонија, Црна Гора – каде што имаат желба, таму ќе одат“, напиша таа на социјалните мрежи.

Сепак, таа посочи дека реакциите и поддршката за проектите на здружението се минимални, дури и од луѓе кои имаат можност да помогнат.

„За децата на Македонија нема ниту шер. Оние пред кои затвораме очи. Пред неколку години решив дека нема реакција и подобро е да си молчам и да работам“, напиша Арнаудова.

Таа нагласи дека не ѝ се важни наградите и јавните признанија, но смета дека видливоста на „Проект Среќа“ е неопходна за да може да се помогне на уште повеќе деца.

„Мојот живот веќе 11 години е борба за секоја донација и за секое дете. Ако ви е тешко да ставите еден лајк за поддршка на Проект Среќа, не гледам причина зошто би ме следеле мене“, порача Арнаудова.

Таа додаде дека вистинските промени во општеството започнуваат со лична одговорност и подготвеност да се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно.