Сончево и топло време со максимални температури до 34 степени се очекува денеска низ Македонија, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата, времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Од пладневните часови се очекува локален развој на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одделни места постојат услови и за краткотрајно невреме со појава на град.
Максималната дневна температура ќе се движи од 27 до 34 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а попладне во одделни делови од котлината е можна појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Максималната температура во главниот град ќе достигне до 32 степени Целзиусови.









