Според извештајот на Мрежата за акција против пестициди во Велика Британија (Pan UK), во менструалните производи се пронајдени високи концентрации на глифосат – пестицид поврзан со рак.
Истражувачите откриле дека оваа штетна хемикалија, која се апсорбира преку женскиот генитален тракт и влегува директно во крвотокот, претставува сериозен ризик по здравјето. Тестирани биле 15 пакувања тампони од различни популарни брендови, а глифосатот бил пронајден во една концентрација 40 пати поголема од дозволеното ниво во водата за пиење.
Глифосат е најкористен хербицид во светот и е класифициран како „веројатно канцероген“ за луѓето, со можни врски и со Паркинсонова болест. Главниот извор на пестицидите во тампоните е хемиското третирање на памукот, главната суровина за нивно производство.
Истражувачите повикуваат на итна регулатива за заштита на здравјето и безбедноста, бидејќи жените и лицата во менструација не се свесни за изложеноста на опасни супстанции во овие секојдневни производи.