Саботата пред Цветници се нарекува Лазарева сабота или Лазарица и зазема важно место во православната традиција. Овој ден е посветен на сеќавањето на едно од најпознатите чуда во христијанството — воскресението на четиридневно упокоениот Лазар од Витанија, кое според преданието го извршил Исус Христос.
Настанот се случил непосредно пред Христовото страдање, распнување и воскресение, а се смета за настан кој ја најавува победата над смртта. Според преданието, Лазар починал во сабота, а Исус пристигнал по четири дена и го повикал со зборовите „Лазаре, излези надвор“, по што Лазар излегол жив од гробот. Овој чин предизвикал восхит кај сведоците и ја засилил верата дека Исус е Синот Божји.
Во продолжение на настаните, Исус се упатил кон Ерусалим, каде што бил пречекан од мноштво народ. Влегувањето во градот се случило на едно осле, што има симболично значење — магарето во источната традиција претставува мир, за разлика од коњот кој симболизира војна. Со тоа, Исус влегол како миротворец, а не како воен освојувач.
Народот го пречекал со гранки, цвеќе и облека постелена по патот, извикувајќи „Осана на синот Давидов“, со што го изразувал своето воодушевување и признание. Овој настан денес се одбележува како празник Цветници, познат и како Цветоносна недела или Врбица, кој секогаш се празнува една недела пред Велигден.
Цветници има длабоко духовно значење бидејќи го претставува триумфалниот, но мирен влез на Исус во Ерусалим, како и неговата растечка популарност меѓу народот, дополнително засилена по воскреснувањето на Лазар. Воскресението на Лазар се толкува и како предвесник на Христовото воскресение и како најава за општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово доаѓање.
Со овој празник се поврзани и традиционалните обичаи познати како лазарски песни и лазарување. Групи девојчиња, облечени во свечена народна носија, одат низ населбите, пеат песни со желби за здравје, среќа и бериќет, и на тој начин го одбележуваат празникот преку народна традиција и духовна симболика.










