Летниот одмор на некои од најпознатите италијански плажи оваа сезона може сериозно да го оптовари семејниот буџет. Според најновите податоци, четиричлено семејство на најлуксузните дестинации може да потроши и до 1.500 евра за само еден ден покрај море.
Највисоки цени и понатаму се бележат на Амалфискиот брег, каде што се наоѓаат популарните туристички места како Соренто, Капри, Амалфи и Позитано. Додека на дел од плажите чадор може да се изнајми за неколку евра, на ексклузивните локации цената достигнува и до 350 евра.
Покрај изнајмувањето лежалки и чадори, поскапеле и останатите трошоци што ги имаат туристите – паркингот, горивото, јавниот превоз, како и храната и пијалаците. Сендвичите, кафето, сладоледот и освежителните пијалаци во просек се поскапи во споредба со минатото лето.
Најголем товар чувствуваат семејствата, бидејќи кога ќе се соберат сите дневни трошоци – плажа, превоз, паркинг и оброк – сметката на најексклузивните дестинации лесно достигнува четирицифрен износ.
И покрај растот на цените, Италија останува една од најпосетуваните туристички земји во Европа. Сепак, експертите предупредуваат дека инфлацијата и зголемените трошоци за одржување постепено го претвораат летувањето на најпознатите плажи во луксуз што сè помалку туристи можат да си го дозволат.








